Skip to main content
Свет

Катар ја доби првата климатизирана шума на отворено

24/02/2026  22:24

Во земја каде што летните температури често надминуваат 40 степени, престојот на отворено во текот на денот е вистински предизвик. Токму затоа Катар продолжува да инвестира во иновативни решенија за справување со жештините.

На островот Геван во Доха е реализиран проектот „Кристална прошетка“ (Crystal Walk) – климатизирано шеталиште долго околу 450 метри, сместено во рамки на комплексот The Pearl-Qatar. Иако станува збор за отворен простор, температурата таму постојано се одржува меѓу 21 и 23 степени Целзиусови.

Прошетката е покриена со конструкција што наликува на крошна од дрвја. Таа обезбедува сенка од сонцето, но и задржува ладен воздух кој се испушта преку отвори во подот. На тој начин се создава контролирана микроклима, па посетителите можат удобно да се движат дури и во екот на летото.

Просторот е украсен со вештачки гранки обложени со околу 10 тони кристали, по што и го добил името. Во конструкцијата се вградени соларни панели кои дел од сончевата енергија ја претвораат во електрична, што делумно го напојува системот за ладење.

Дополнително, шеталиштето содржи мали фонтани и околу 180 интерактивни светлосни панели на подот, кои прикажуваат различни пејзажи и мотиви.

Иако разладени патеки веќе постојат во парковите Al Gharafa Park и Umm Al Seneem Park, „Кристална прошетка“ се смета за најамбициозниот ваков проект досега. Тој е впишан и во Guinness World Records како најголем климатизиран надворешен шопинг простор и најголема интерактивна светлосна настрешница на отворено.