Skip to main content
Скопје

Каролина, Тамара, Куку Леле и Пајак – Скопје ја пречекува 2026 со богата програма

30/12/2025  19:25

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги покани сите скопјани и гости на главниот град на голем и незаборавен дочек на Новата 2026 година на плоштадот „Македонија“. По подолг период, Скопје повторно ќе биде центар на празнична енергија, музика и заедништво, со програма која обединува повеќе генерации и ја враќа новогодишната магија во срцето на градот.

Програмата започнува во 19:45 часот со настап на Миле Кузмановски, по што следуваат Огнен Здравковски и Дина Јашари. Празничната атмосфера ќе ја заокружат легендарните Куку Леле и Тамара Тодевска, а младата публика ќе ужива во настапите на Пајак, Лара и Два Бона.

Кулминацијата на вечерта и магичниот момент на пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева.

Во објава на социјалните мрежи, градоначалникот Ѓорѓиевски порача дека е време Скопје повторно да живее, да се обединува и да слави.

„Доста беше мрак. Време е за заедништво и за радост. Со домашни изведувачи, љубени од публиката, создадовме програма што ги поврзува сите генерации. Ова е наш подарок за градот убав – за повторно да пулсира и да сонува“, напиша Ѓорѓиевски.

Тој ги повика сите граѓани да бидат дел од новогодишната приказна и заедно, со насмевки и добра музика, да ја пречекаат 2026 година на плоштадот „Македонија“.