Skip to main content
Македонија

Каранфилова-Пановска за Локално: СДСМ ќе понуди соодветен концепт и вистински човек за рехабилитација на Скопје

02/01/2025  13:16

На Скопје во изминатите години му се случи цунами, целосен крах на основните функции на градот и скопјани таа тешка реалност ја живеат секој ден, посочи заменик претседателката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фани Каранфилова Пановска, во интервју за Локално. Во интревјуото таа посочува дека СДСМ на локалните избори ќе има соодветна програмска и концепциска понуда, како кандидат што ќе може да го рехабилитира главниот град.

Каранфилова Пановска, во интервјуто вели дека најголемата вина за овој крах на главниот град ја имаат Мицкоски, ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска.

„Колабиран е јавниот превоз, хигиената во градот е катастрофална, улиците се преполни со смет, јавните претпријатија не функционираат, нема реализација на крупни капитални проекти, нема развој на градот.Грубо звучи, но реално скопјани се жртви на нивните меѓусебни пресметки, интереси и калкулации Тие го доведоа главниот град на дното, не само во јавниот транспорт, туку и во сите други области. Заедно ветуваа модерно Скопје, нови 250 автобуси па дури и бесплатен јавен превоз. А што донесоа? Заглавен и задушен град, целосен распад, не само во јавниот превоз, на сите полиња. И тој крах е на ВМРО-ДПМНЕ, иако сакаат скопјани да го заборават тоа”, вели Каранфилова Пановска. 

Во интервјуто таа потсети дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Градот намерно ја блокираа и ја кочеа работата, не гласаа важни одлуки за граѓаните, ниту пак предложија и донесоа некакви мерки за помош на скопјани. 

Поларизацијата која се случува помеѓу централната власт и градот, како што кажа Каранфилова Пановска е само дополнително изживување со скопјани и покажување огромна некадарност, болна суетност, немање сенс за јавен интерес.

Каранфилова Пановска во интервјуто порача дека СДСМ ќе даде соодветен одговор, концепциски, програмски и кадровски и ќе излезе пред граѓаните со своја понуда за целосна рехабилитација, за обнова на Скопје.