Skip to main content
Македонија

Кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ја прогласи Габриела Илиевска за „умрена“ на Фејсбук

16/10/2025  16:41

Политичката кампања во Битола влезе во скандалозна и невидено недолична фаза, откако кандидатот за советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Петровски, на социјалната мрежа Фејсбук ја прогласи независната кандидатка за градоначалничка Габриела Илиевска за „умрена“.

Несоодветниот и навредлив коментар предизвика лавина од реакции и остра осуда од јавноста, но и од самата Илиевска, која порача дека овој чин го покажува „вистинското лице на Тони и екипата која сака нов мандат“, објави 4NEWS.mk.

Инцидентот се случил под објава на актуелниот градоначалник и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Коњановски, каде Петровски напишал:

„Го прогласувам нусето Габриела за умрено!“

Реакцијата на Илиевска од независната листа „Поинаку“ беше експресна и остро осудувачка:

„Кандидат за советник ме прогласува за умрена! Ова е вистинското лице на Тони и екипата која сака нов мандат! Изгледа само умрени му требаат за да престанат да крадат!“

Коментарот на Петровски предизвика гнев и згрозеност кај бројни корисници на социјалните мрежи, кои неговиот речник го оценија како срамен, недоличен и недостоен за кандидат за јавна функција.

„Не ти е срам бе? Кандидат за советник? Резил!“ – напиша еден од корисниците.

Наместо извинување, Петровски дополнително ја ескалирал ситуацијата, продолжувајќи со навреди. Во нов коментар, тој напишал дека листата „Поинаку“ ја сменила името во „Дамбетер!“ – потег што уште повеќе ги засили реакциите и осудите на јавноста.

Со овој инцидент, битолската политичка сцена влегува во уште понапната атмосфера пред изборите, отворајќи сериозни прашања за нивото на политичка култура и говорот на омраза во кампањата.