Skip to main content
Свет

Канада се приклучи на програмата на ЕУ за заеми за оружје

17/02/2026  18:37

Министерот за одбрана на Канада, Дејвид Мекгинти, соопшти дека земјата и формално станала дел од европската иницијатива SAFE – механизам на Европска Унија наменет за финансирање инвестиции во одбранбени капацитети преку поволни заеми.

Според него, приклучувањето значи продлабочување на безбедносната соработка со европските партнери, поттик за развој на современи одбранбени технологии и отворање на европскиот пазар за канадските компании од секторот. Во изјава за CBC News, Мекгинти нагласил дека договорот има и поширока димензија, бидејќи индиректно придонесува и за стабилноста на Украина.

Овој чекор следува неполна година откако премиерот Марк Карни потпиша стратешки договор за одбрана и безбедност со ЕУ, во кој беше предвидено и приклучување кон програмата SAFE.

Иницијативата, претставена во март годинава, им овозможува на земјите учеснички пристап до кредити со ниски каматни стапки за заедничка набавка на воена опрема и вооружување. Воедно, таа отвора можност компаниите од партнерските држави да конкурираат во заедничките европски проекти.

SAFE е дел од поширокиот европски пакет мерки за зајакнување на одбранбените способности во контекст на војната меѓу Русија и Украина. Неделава, Советот на ЕУ го одобри првиот пакет средства, наменет за Белгија, Бугарија, Кипар, Данска, Шпанија, Хрватска, Португалија и Романија. Вториот пакет, кој се очекува да биде усвоен наскоро, ќе опфати Естонија, Грција, Италија, Латвија, Литванија, Полска, Словачка и Финска.