Skip to main content
Македонија

Камерите почнуваат да снимаат и возачи, а нови патролни возила ќе го детектираат хаосот од паркирање во Скопје

03/12/2025  23:39

Системот „Безбеден град“, кој од 1 декември функционира во пробен режим, се поставува како најголемиот проект за дигитален надзор врз сообраќајот во државата. Иако бројот на прекршоци полека опаѓа, од МВР порачуваат дека е прерано за конечни оценки. Началничката на Секторот за сообраќај, Маја Арсовска-Манов, во гостувањето во „Топ тема“ на ТВ Телма нагласи дека системот сè уште се стабилизира, а секоја пријавена неправилност веднаш се проверува на терен.

„Системот е активен низ цело Скопје, а до крајот на месецов ќе профункционира и во Куманово и Тетово. Од следната година, електронската детекција на прекршоци ќе важи на целата територија на државата“, истакна Арсовска-Манов. Таа објасни дека опремата веќе е поставена на коридорите 8 и 10, што ќе овозможи за првпат континуиран дигитален надзор и над автопатските правци.

Посебно внимание предизвика прашањето што го поставуваат илјадници граѓани: зошто во испратената порака за прекршок нема фотографија од возачот? Државниот советник во МВР, Владимир Велковски, појасни дека причината е техничка и дека решението ќе биде имплементирано „во рок од неколку дена“. На линкот со известувањето, граѓаните ќе можат да ги видат сите фотографии, но ликот ќе биде замаглен – освен во случај на судска постапка.

Паралелно, МВР развива нова дигитална алатка која ќе дозволи секој граѓанин директно да пријави неправилност преку истата порака во која е добиено известувањето за прекршок. Со тоа, ќе може да се пријави погрешен број, возило кое не припаѓа на примачот или докази дека возачот поминал на зелено светло, спротивно од тоа што стои во системот.

Покрај фиксните камери, МВР пушта и нова алатка на терен полициски возила опремени со систем за автоматска детекција на непрописно паркирани возила. Опремата моментално е инсталирана во едно возило, но планот е овој механизам да се прошири и да работи на најфреквентните крстосници.

„Како што се смирува протокот, така метежите се зголемуваат. Овие возила треба да ја одржат проточноста. Едниот полициски службеник ќе го управува возилото, а другиот ќе ракува со опремата за снимање и поднесување налози“, нагласи Арсовска-Манов.

Дали службениците ќе бидат во униформа или во цивилна облека – засега останува неодлучено. Но јасно е дека МВР ја менува логиката на контролата во сообраќајот: повеќе мобилност, повеќе дигитални траги и повеќе можности за граѓаните да пријават неправилности.

Пробниот период продолжува. Од МВР додаваат дека токму сега е најважно да се добијат реакциите, критиките и забелешките од јавноста за „Безбеден град“ да влезе во целосна употреба стабилен, функционален и без технички пропусти.