Skip to main content
Свет

Калил ал Хаја: Американските планови за Појасот Газа се осудени на неуспех

10/02/2025  12:21

Лидерот на Хамас во Појасот Газа, Калил ал Хаја денеска изјави дека плановите на САД и американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа се „осудени на неуспех“.

„Ќе ги уништиме како што ги уништивме сите нивни претходни проекти“, рече Ал Хаја за време на церемонијата по повод 46-годишнината од иранската револуција во Техеран, пренесе Ројтерс.

Трамп во неделата потврди дека е посветен на планот за купување на Појасот Газа, но дека би можел да дозволи делови од завојуваната област да бидат обновени од други земји од Блискиот Исток.

Според него, САД ќе го преземат Појасот Газа од Израел и ќе го претворат во „ривиера на Блискиот Исток“ по преселувањето на Палестинците во други арапски држави.

Во оваа прилика, вчера се огласи претседателот на комисијата на Обединетите нации, која ја води истрагата за окупираната палестинска енклава, Нави Пилај, која рече дека планот на американскиот претседател Доналд Трамп да ги премести Палестинците од Појасот Газа и да добие сопственост на таа палестинска територија е против меѓународното право и би претставувало „етничко чистење“.

„Трамп е крајно неук за меѓународното право и законот за окупација. Присилното раселување на окупирана група е меѓународно злосторство и претставува етничко чистење. Не постои легален начин Трамп да ја изврши својата закана дека ќе ги исели Палестинците од нивната земја“, рече Пилај.