Skip to main content
Свет

Калифорнија стана четврта најголема економија во светот

24/04/2025  20:52

Американската сојузна држава Калифорнија се искачи на четврто место на глобалната ранг-листа според номинален бруто-домашен производ (БДП) и ја надмина Јапонија, соопшти администрацијата на гувернерот Гевин Њусом.

Според најновите податоци од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Бирото за економска анализа на САД, БДП на Калифорнија достигнал 4,1 трилиони долари, што е повеќе од јапонските 4,02 трилиони. Со тоа, американската сојузна држава се најде веднаш зад САД, Кина и Германија.

Од администрацијата истакнуваат дека економскиот раст на Калифорнија го надминува темпото на трите водечки економии – минатата година БДП на американската сојзна држава  се зголемил за 6 отсто, а просечниот раст во периодот 2021–2024 година изнесувал 7,5 отсто.

Сепак, Њусом предупреди дека на економијата на државата е под закана од, како што рече, „непромислената царинска политика на актуелната федерална администрација“, што може да го загрози понатамошниот економски напредок на државата.