Skip to main content
Свет

Калас: ЕУ бара дипломатско решение за Ормускиот Теснец

17/03/2026  16:12

Шефицата за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, изјави дека мора да се најдат дипломатски начини за да се одржи отворен водниот пат.

Калас во интервју за „Ројтерс“ денеска изјави дека никој не е подготвен да ги загрози своите луѓе во Ормускиот Теснец.

„Мораме да најдеме дипломатски начини да го одржиме отворен за да немаме криза со храна, криза со ѓубрива, енергетска криза“, рече шефицата на европската дипломатија.

Калас исто така рече дека ЕУ почнала да ја зема предвид непредвидливоста на САД една година по враќањето на Трамп во Белата куќа.

„Секако, ние сме сојузници на Америка, но не ги разбираме нивните потези во последно време“, изјави европската функционерка во интервјуто за „Ројтерс“.

Таа додаде дека е јасно оти непредвидливоста на САД мора да се земе предвид и дека ЕУ сега е многу помирна бидејќи очекува дека ќе има непредвидливи работи и ги прифаќа какви што се, „малку да ја олади главата и да биде смирена и да остане фокусирана“.

Калас исто така рече дека ЕУ нема желба да склучува енергетски договори со Русија во услови на зголемување на цените, ниту јавно ниту зад затворени врати.

Таа исто така изјави дека кога станува збор за Русија, најважно е ЕУ првин да се согласи за тоа што сака да разговара со неа.

„Затоа што, ако само се вратиме на „вообичаената работа“, ќе имаме повеќе војни. Веќе го видовме тоа. Затоа мора да бидеме многу внимателни и да не ѝ го даваме на Русија она што го сака бидејќи нивниот апетит само ќе расте“, рече Калас.