
Сè почести се случаите во кои турски државјани, кои влегуваат во земјава без да пријават престој, се инволвирани во сериозни кривични дела. Ова отвора сериозни прашања за функционирањето на институциите, контролата на странскиот престој и спроведувањето на законските обврски.
Според информациите до кои дојде 24инфо, турскиот државјанин кој беше вмешан во убиство во Штип немал пријавен престој. Тој влегол во земјава на 30.04.2025 година, но не поднел пријава за престој, што е спротивно на Законот за странци кој налага во рок од 48 часа да се пријави престојувалиште во полициска станица.
Истиот модел на однесување се повтори и во вчерашниот случај во Скопје, каде што исто така лице од Турција, без пријавен престој, беше инволвирано во обид за убиство.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 35-годишен турски државјанин за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (обид за убиство) од Кривичниот законик.
Инцидентот се случил ноќеска по полноќ на улицата „Метрополит Теодосиј Гологанов“, во близина на Клубот на пратеници, каде по вербална расправија меѓу двајца турски државјани дошло до физичка пресметка. Едниот од нив паднал повреден на земја, по што осомничениот зел метален капак од шахта и го удирал по главата. Откако оштетениот паднал во бесознание, осомничениот продолжил со удари по неговото тело и глава, дури и во моментот кога пристигнала полицијата, одбивајќи да престане додека не бил совладан. Оштетениот се здобил со тешки телесни повреди и во животозагрозувачка состојба бил префрлен на Клиниката за неврохирургија.
Осомничениот немал пријавено престојувалиште во земјава, а постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото. Затоа, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор.
Сè почесто се појавуваат информации дека турски државјани ја користат практиката на краткорочно букирање сместување преку платформи како „Booking.com“, добиваат потврда за резервација, која ја приложуваат на граничен премин, а потоа ја откажуваат резервацијата пред доаѓање. Со тоа влегуваат во земјата, но без вистинско престојувалиште и без да поднесат пријава во полициска станица, што директно го крши Законот за странци.
Член 147 од Законот за странци јасно наведува дека странски државјанин кој престојува во Република Северна Македонија е должен да го пријави своето престојувалиште во рок од 48 часа по влезот во земјата. Непочитувањето на оваа обврска претставува прекршување кое повлекува и законски санкции.