
Сонот е период кога телото се обновува и одмара, но во исто време и продолжува да троши енергија. За оние што се обидуваат да ослабат, добрата вест е дека со неколку едноставни промени во секојдневните навики може да се поттикне согорувањето калории – дури и за време на спиењето, пишува списанието Hello!.
Според д-р Даниел Аткинсон, специјалист по семејна медицина, телото согорува калории и во состојба на мирување, што е познато како базална метаболичка стапка. Таа зависи од повеќе фактори, меѓу кои возраста, телесната тежина, мускулната маса и начинот на живот.
Еден од клучните фактори е температурата во просторијата. Истражувањата покажуваат дека спиењето во малку постудена соба може да го стимулира метаболизмот и воедно да го подобри квалитетот на сонот. Ладниот воздух им помага и на луѓе со респираторни проблеми, а може да го намали и ризикот од ширење инфекции.
Доволниот сон е уште еден важен елемент. Недостатокот на сон влијае врз хормоните, особено го зголемува лачењето на грелинот – хормонот на глад, што често води до прејадување и желба за нездрава храна.
Лекарите советуваат и избегнување на доцни и обилни оброци. Јадењето пред спиење го оптоварува организмот, го нарушува сонот и може да придонесе за зголемување на телесната тежина, бидејќи телото ноќе помалку ефикасно ја користи енергијата.
Градењето мускулна маса, пак, е еден од најефикасните начини за забрзување на метаболизмот. Мускулите трошат повеќе калории дури и во мирување, па вклучувањето на вежби за сила во секојдневието може значително да помогне.
Исхраната исто така има голема улога. Посните протеини и храната богата со растителни влакна помагаат подолго чувство на ситост и намалување на непотребните грицки во текот на денот.
Во просек, возрасен човек согорува меѓу 40 и 55 калории на час додека спие, но оваа бројка варира во зависност од телесната градба и животните навики. Иако сонот не е замена за физичка активност, правилниот пристап може да помогне метаболизмот да работи во ваша корист – дури и кога одмарате.

