Skip to main content
Македонија

Како да се подобри пристапот фокусиран на жртвата при прибирањето докази во случаи на сексуално насилство и силување

28/03/2025  16:50

Експертската дебата на тема ,,Дали се почитува пристапот фокусиран на жртва при прибирањето на докази во случаи на сексуално насилство и силување”, која се одржа денеска (28 март) укажа на главните предизвици што ги имаат и жртвите на секксуално насилство и силување, но и надлежните институции. Во постапувањето во овие случаи мора да се изнајдат решенија што на полицијата, обвинителството, судот, лекарите ќе им овозможат да постапуваат законски, но истовремено ќе спречат двојна виктимизација на жртвата и нејзино дополнително изложување на трауми. 

 „Кога работиме на развивање на закони, стратегии, политики за насилство врз жени, мораме да имаме на ум еден многу важен аспект – кои се потребите на жртвата во моментот кога ќе побара помош. Независно дали првично ќе се обрати во граѓанска организација или во некоја од релевантните институции, тоа што и е неа најпотребно и е спремна да го направи треба да биде во фокус на чекорите кои ќе бидат преземени, истакна Елена Димушевска, директорка на Мрежата против насилство врз жени и семејно насилство.

проф. Гордана Лажетиќ од Институтот за казнено право и криминилогија при правниот факултет Јустинијан Први од Скопје, кажа дека еден од можните начини за унапредување пристапот во случаи на сексуално насилство и силување би бил формирање на банки за  чување на форензички докази, кои заради нивната природа мора да се земат побрзо, а потоа жртвта да се охрабри да пријави и притоа да биде заштитена од страна на институциите. Тоа треба да се постигне меѓусекторски и со учество на граѓанските организаци.

Судијката Оља Ристова, преку примери од судската пракса укажа на недоследностите во постапките. Таа рече дека судовите се должни да ги почитуваат правата на жртвите, меѓутоа за да се донесе правилна одлука, постапката мора да се базира врз законити и релевантни докази.

Обвинителката Ленче Ристоска ја објасни постапката при пријавување и прибирање докази во случаи на сексуално насилство и силување и рече дека има простор таа постапка да биде олеснета за жртвата, таа да не дава искази пред сите инстанци и системот да биде поефикасен кога се работи за вакви случаи.

Неда Чаловска, независна експертка рече дека сегашниот систем принудува сексуалното насилство да мора да се пријави во полиција и јавно обвинителство, од сите институции, вклучително и од здравствените работници и вработените во упатните центри за сексуално насилство, без разлика на волјата на жртвата. Истанбулската конвенција и ГРЕВИО, кој ја набљудува имплементацијата на конвенцијата, јасно посочуваат дека сите сервиси, вклучително и собирањето на доказите во случај, на пример, на силување треба да и бидат обезбедени на жртвата, без разлика дали таа во моментот сака или не сака да го пријави делото пред органите на прогонот.

„Анализата покажа дека ваков пристап насочен кон жртвата, имаат земено најголемиот број од земјите од Европската унија и пошироко. Праксата од овие земји покажува дека во случај на силување форензичките докази се земаат во согласност со волјата на жртвата и се чуваат до 2 години, период кој и се остава на жртвата да одлучи дали таа ќе поведе постапка против сторителот”, посочи Чаловска.

проф. др. Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина, рече дека тие мора да постапуваат согласно важечките закони, а доколку се сменат законските решенија во однос на постапките тие ќе се држат до нив. Тој ја истакна потребата од навремено земање на телесните докази и нивно соодветно чување и обработка.

Имајќи ги предвид фактот дека сексуалното насилство, а особено силувањето е една од најмалку пријавуваните и процесуираните форми на насилство од една страна, препораките на Гревио од септември 2023 година, како и обврските преземени со ратификацијата на Истанбулската Конвенција, државата има обврска да ги почитува пристапот насочен кон жртвата и пристапот заснован на правата на жртвите.  Дебатата ја организираше Мрежата против насилство врз жените и семејно насилство .