Skip to main content
Македонија

Кафкијанство по македонски: кога правдата станува театар

25/07/2025  10:28

Пишува: Проф. д-р Јове Кекеновски

Во текот на вчерашниот ден во медиумите се пренесе веста дека градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, кој од 10 февруари оваа година се наоѓа во притвор, и официјално е обвинет за сложена шема за корупција и перење пари. Заедно со неговата сопруга Ајола Џоџа, тие директно и индиректно контролирале градежни компании од кои примиле мито од околу милион евра за добиените градежни дозволи. Од самиот почеток Велиај ги негираше сите обвиненија, опишувајќи го судењето против него како „кафкијанско“. И токму употребата на поимот „кафкијанско“ беше сериозна провокација да ја напишам оваа колумна.

Поимот „кафкијанско“ потекнува од името на австрискиот писател Франц Кафка (Franz Kafka), познат по своите дела што прикажуваат апсурдни, бесмислени и често застрашувачки ситуации, во кои поединецот е беспомошен пред неразбирливи, судско-бирократски и дехуманизирачки системи. Поимот се користи за да се опише ситуација што е: апсурдна и нелогична; опресивна и непријатна, често без очигледна причина; обележана со моќни бирократски структури, нејасни, контрадикторни и сурови, во кои поединецот е изгубен, беспомошен и не може да дојде до правда или логично објаснување.

Најпознатото дело што ја отелотворува оваа идеја е „Процес“ (Der Prozess) на Кафка, каде главниот лик, Јозеф К., е уапсен и обвинет без да му биде кажано за што. Тој се обидува да најде правда, но постојано се соочува со бесмислена бирократија и нејасен правен систем. Кога Франц Кафка го објави делото, тој го застраши светот со сликата на човек заточен во судско-бирократски апсурд од кој не постои излез. Ваквата ситуација стана позната како „кафкијанство“. Се работи за чувство на беспомошност и страв од системот што не се објаснува и не оправдува.

Додека градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, судењето го опиша како „кафкијанско“ во обид да се претстави себеси како жртва на неправда, во Република Македонија употребата на овој поим слободно може да се употреби како начин за спас на обвинетите високо позционирани личности во власта и опозицијата. Ако кај Кафка „судот“ е симбол на репресија, во Република Македонија судот во голем број случаи стана симбол на „ослободување на моќните“ преку правно-технички хаос. Тоа е исто толку апсурдно како кај вистинското кафкијанство, само во спротивна насока. Не невиниот да страда без вина, туку виновниот да излезе неказнет благодарение на нелегалната правна и бирократска акробатика.

Можеби е време да се создаде нов поим за тоа како на пример: „Реверзно кафкијанство“, „Кафка на Балкански начин“ или „македонско-кафкијанство извртено во спротивна насока“ , каде апсурдот не произлегува од непознавање или непостоење на вината, туку од намерно избегнување на правдата под маската на формалност. Значи, не е целта да се казнат невините, туку да се ослободат виновните.

Системот, во нашиот случај, не го угнетува поединецот, туку тој се претвори во алатка за заштита на обвинетите: застарување на кривичните дела, селективна неажурност, одложување рочишта во долги рокови, чување на предмети во фиоки, менување адвокати, изземање на судии, поротници, толерирање на боледувања, домашен притвор, непојавувања на рочиштата и др. Да не пишувам за отфрлање на поднесени обвиненија поткрепени со сериозни докази прибавени врз основа на ПИМ мерки или народски кажано жив фатен во криминал. Сето тоа со една цел: судењето да не започне, или, ако започне, да се влече додека делото не застари или додека не се променат политичките околности. Но најкритичен е фактот дека парламентот, највисокиот законодавен дом, стана дел од тој механизам. Пратеници гласаа за измени на Кривичниот законик, со кои се намалија казните за злоупотреба на службена должност и други корупциони дела. Со тоа се скратија роковите за застареност, а некои отворени предмети се гасеа преку калкулирано точно време.

Денешните казни се толку ниски, што самата правна логика ја губи својата суштина. Не се води битка за правда, туку за време. Обвинетите не се борат да докажат невиност, туку да дочекаат правната смрт на предметот односно застараност.
Во таа смисла, Македонија е школски пример за кафкијанство во обратна смисла, каде што државата не е апарат што гони невини, туку систем што ги штити виновните, со закон, со време, со притисок, ургенции па дури и со тишина.
Примерите се многубројни: апла случаи на корупција, бројни злоупотреби на службената положба, па дури и тешки криминални дела што останаа нерасветлени или неказнети поради судско-бирократски игри и законски трикови. Истовремено, јавноста е изгубена во лавиринтот на објаснувања, одложувања и формалности, што ја намали довербата во судскиот систем и ги засили чувствата на правна несигурност и неправда.

Затоа, кога зборуваме за „кафкијанство по македонски“, не мислам само на неприфатливата бирократија и апсурдот што ги опкружува судските процеси. Мислам на системот што свесно го користи времето како алатка за заштита на виновниците, а не како средство за остварување правда. Во суштина, „кафкијанството по македонски“ е огледало на систем кој ја губи суштината на правдата, претворајќи го времето во најмоќното оружје на обвинетите. Наместо да се борат против неправдата, судството и обвинителството истата често ја овозможуваат и ја продлабочуваат, оставајќи ги граѓаните во состојба на безнадежност и фрустрација. Кафкијанството по македонски терк не се состои во тоа што некој невин не може да избега од казна, туку дека виновниците со врски, позиција и моќ (како резултат на многу украдени пари) се недопирливи и заштитени од оние кои треба да ги гонат.

Ако сакаме да градиме демократско општество засновано на владеење на правото, мораме да го прекинеме овој круг. Потребна е одговорност, транспарентност и непопустливост пред законот за да кафкијанството не биде оправдување, туку нешто што припаѓа на минатото.

Во тој контекст, Собранието и Владата треба да продолжат со барањата за оставка на Судскиот совет, кој со поднесената интерпелација ја изгуби довербата на јавноста. Мора да се изнајдат други механизми и интрументи за да се ослободиме од промоторите и практикувачите на кафкијанството на македонски начин како и оригиналното кафкијанство. Ова се однесува и на Советот на јавни обвинители, како и на сите нивоа на јавното обвинителство, кои мора да бидат подложени на сериозна реформа, преиспитување и отчетност.

Само со јасни и решителни чекори кон одговорност може да се врати довербата во правосудниот систем и да се обезбеди вистинска правда за сите граѓани.

П.С. Ова не значи дека во Република Македонија немало случаи на типично кафкијанство во последниве дваесет и повеќе години. Напротив постоеја политички монтирани процеси, рекет од обвинители, судии и, пред сè, политички моќници кои го користеа системот за свои интереси а притоа наменски обвинетите стоеа беспомошно пред неразбирливиот судско-бирократски и дехуманизирачки систем и пред столнот на јавниот срам.