
Во текот на изминатата недела, ЈП Комунална хигиена-Скопје седум пати во неделата, во три смени, реализираше собирање и транспорт на комуналниот отпад од 5000 надземни, подземни и полуподземни контејнери лоцирани во сите скопски општини, додека приближно 90 000 канти наменети за одлагање на комуналниот отпад од индивидуалните домаќинства се празнеа два пати во неделата, според однапред утврден распоред по блокови.
Претпријатието продолжува и со континуирано одржување на хигиената на јавните и сообраќајните површини што се во надлежност на Градот Скопје. Секојдневно се спроведува рачно и машинско метење на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад Македонија и помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев” и „Слобода”, пешачките мостови во централното градско подрачје, како и Старата скопска чаршија.
