Skip to main content
Македонија

Јошевска-Анастасовска и Кадри-Шахиновиќ дадоа свечена изјава во Собранието

15/01/2026  13:24

Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ, новоизбраните членки на Судскиот совет на Република Северна Македонија, денеска дадоа свечена изјава во Охридската сала на Собранието, пред претседателот на Собранието Африм Гаши и генералната секретарка Марина Димовска.

Претходно, Собранието ги избра вонредната професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска за нови членки на Судскиот совет, по предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека изборот се темели на нивната стручност, професионален интегритет и личен кредибилитет, нагласувајќи дека реформите во правосудството мора да ги предводат докажани и кредибилни личности.

За изборот на Кадри-Шахиновиќ гласаа 63 пратеници, додека Јошевска-Анастасовска доби поддршка од 81 пратеник. Со нивниот избор се пополнуваат дел од испразнетите места во Судскиот совет, кој и понатаму останува со уште две слободни позиции, за кои ќе бидат распишани нови огласи согласно новиот Закон за Судски совет.