Skip to main content
Македонија

Јорданчо го раскажа хоророт во Кочани – Тело врз тело бев затрупан со луѓе (вознемирувачко видео)

13/04/2025  23:23

Јорданчо Ефтимов, еден од преживеаните во трагичниот пожар кој ја зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани, со потресно видео во живо на Инстаграм ја сподели својата лична приказна и ги покажа раните со кои се здобил во ноќта што го потресе целиот регион.

„Не сум многу изгорен бидејќи бев потрупан со луѓе, не сум сигурен дали беа живи, прилично тежеа, не збореа ништо. Пример јас зборев, они не збореа ништо, и кога ги потргнав, кога ја извадив раката само видов дека се растргнуваат луѓето над мене и некој ми подава рака да станам“, раскажува Јорданчо, сè уште видно потресен, но со сила да проговори за траумата што ја доживеал.

Тој вели дека минал со изгореници на лицето и на двете раце – левата веќе му е функционална, но десната, според неговите зборови, сè уште бара време и лекување за да закрепне целосно.

И покрај болката и физичките последици, Јорданчо храбро зборува за своето искуство, со што станува глас на преживеаните од најголемата цивилна трагедија во поновата историја на земјата, во која загинаа 61 лице, меѓу кои и деца, а беа повредени близу 200 лица.

Сведоштвото на Јорданчо е потсетник за човечката цена на немарноста и потребата за правда и одговорност.