Skip to main content
Македонија

ЈО: Испитувањето на оштетените од пожарот во „Пулс“ треба да започне на почетокот на мај

25/04/2025  15:41

Испитувањето на оштетените лица во истрагата за трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани е планирано да започне на почетокот на мај, соопшти Јавното обвинителство. Од таму информираат дека поради големиот број оштетени и засегнати лица, ќе следи дополнително известување со детали за распоредот и динамиката на испитувањата.

Обвинителскиот тим кој работи на предметот, како што велат од ЈО, интензивно презема итни и неодложни дејствија, кои во моментот вклучуваат сослушувања и координација на вештачења неопходни за обезбедување докази за кривичната постапка.

– Во тек е прибирање на сите потребни податоци и контакти од оштетените и семејствата на настраданите, како и информации за нивните полномошници. Во зависност од здравствената состојба на повредените и другите околности, обвинителството ќе ги извести сите засегнати навремено за нивното учество во постапката, стои во соопштението.

Во истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година, а во кој загинаа 62 лица, се осомничени 68 физички и три правни лица.