Skip to main content
Скопје

Јавното претпријатие од Гази Баба доби директор, именуван е Дени Милевски

18/11/2025  13:39

Јавното претпријатие од Гази Баба доби директор, именуван е Дени Милевски.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, го назначи Дени Милевски за нов директор на Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“. Одлуката беше проследена потврдена на работен состанок, на кој градоначалникот му ги пренесе на Милевски клучните приоритети и насоки за поефикасно функционирање на претпријатието.

„Комуналната хигиена е основа за здраво, уредно и функционално општество. Чистите улици и уредените јавни површини се предуслов за квалитетно живеење“, истакна Стефковски. Тој најави засилена динамика на чистење на улиците и месните заедници, набавка на нова механизација и алат за изработка на урбана опрема.

Освен хигиената, водоснабдувањето во руралните населени места беше посочено како стратешки приоритет. „Ќе работиме на стабилно и квалитетно водоснабдување, навремена санација на дефекти и долгорочни решенија што ќе обезбедат сигурна вода за сите жители“, дополнително нагласи градоначалникот.

Стефковски им се заблагодари и на досегашниот директор Игор Атанасовски за соработката и реализираните активности во претпријатието.

Новоназначениот директор Милевски, преку својата официјална објава, истакна дека функцијата ја прифаќа со голема чест и одговорност.

„Ќе работам одговорно, чесно и посветено во интерес на граѓаните. ЈКП Гази Баба мора да остане вистински сервис што ќе нуди услуги какви што заслужува нашиот народ“, порача Милевски. Тој додаде дека му е благодарен на градоначалникот за укажаната доверба и најави засилено присуство на терен: „Веќе од утре се гледаме на терен, насекаде низ Гази Баба“.