Skip to main content
Македонија

Јавниот повик за прием на 400 пожарникари завршува во четврток, најдобрите ќе бидат дел од новата специјална единица на ДЗС

15/07/2025  17:04

Јавниот повик за прием на 400 пожарникари по владината мерка за поддршка во борбата против пожарите завршува во четврток, информираше денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Тој ги повика сите заинтересирани кандидати да се пријават најдоцна до четврток во локалните Центри за вработување, каде што треба да ги пополнат потребните документи.

– Ги повикувам сите заинтересирани најдоцна до четврток да поднесат апликација до локалниот центар за вработување во кој било град од државата. Таму ќе ги пополнат потребните документи, но важно е да носат медицинска потврда од надлежен доктор со која се потврдува дека не боледуваат од тешки болести кои што би им пречеле во извршувањето на оваа исклучително одговорна задача, рече Ангелов и појасни дека кандидатите нема потреба да носат други документи.

–  Ќе ги избереме најдобрите од оние лица кои што ќе покажат интерес и ќе бидат примени како професионални пожарникари во локалните територијални противпожарни единици. Најдобрите од нив, особено оние кои што гравитираат во Скопје и околината ќе имаат можност да конкурираат, а потоа и да бидат примени во новата специјална единица за заштита и спасување која што е во фаза на формирање, посочи Ангелов.