Skip to main content
Скопје

Јавна трибина со граѓаните на општина Ѓорче Петров за одговорно управување со био-отпадот 

20/05/2025  08:11

Во Домот на културата на општина Ѓорче Петров, ќе се одржи јавна трибина/средба со граѓаните на тема: „Одговорно управување со био-отпадот – чекор поблиску до циркуларна економија“.

Целта на трибината е да се отвори јавна дебата за тековните состојби и проблеми со кои се соочува општината во управувањето со био-отпадот од домаќинствата и да се разгледаат предизвиците поврзани со управувањето на овој вид на отпад.

-Во моментов, био-отпадот од домаќинствата претежно завршува со останатиот комунален отпад на депонијата Дрисла, вршејќи дополнителен притисок врз животната средина  и претставува пропуштена можност за негово валоризирање преку компостирање, производство на биогас или други форми на циркуларна економија, велат организаторите на настанот.

Општина Ѓорче Петров, додаваат има јасно воспоставен систем за собирање на отпадот  но сеуште нема воспоставено мерки за селекција на отпадот на ниво на домаќинства, што само по себе преставува предизвик но и потенцијална можност за остварување на  економска и еколошка придобивка која ќе биде резултат на институционалната координација и ангажманот на граѓаните.  Во таа смисла, овој настан нуди можност за вклучување на сите граѓани кои сакаат да бидат дел од идните решенија за поодговорно, поеколошко и поефикасно управување со био-отпадот во општина Ѓорче Петров.

На трибината треба да се обратат Александар Стојкоски, градоначалник на општина Ѓорче Петров и Кирил Ристовски, претседател на ЗГ ФЛОРОЗОН, а презентации и излагања ќе има на темите „Предизвици и идни планови во управувањето со био-отпадот – Сектор за комунални работи при општина Ѓорче Петров“, „Социјалното претприемништво како успешен модел за валоризација на био-отпадот – Социјално претпријатие РЕДИ“, како и „Управување со отпадот и позитивните социјални аспекти за ранливите групи – Здружение на граѓани ПОРАКА“.

Во завршниот дел е предвидена отворена дискусија со граѓаните, каде што сите заинтересирани ќе можат да споделат свои искуства, прашања и предлози за надминување на постојните проблеми.

Настанот е дел од проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ што го спроведува Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) во партнерство со здруженијата ФЛОРОЗОН и Еко Логик од Скопје. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.