
Јапонија упати протестна нота до Русија поради нејзината одлука привремено да го ограничи преминот на странски воени и владини бродови во водите околу островите кои се под руска контрола на кои Јапонија има право.
Тоа се острови кои Јапонија ги нарекува Северни територии, додека Русија ги нарекува Јужни Курилски острови.
Спорот за островите трае од крајот на Втората светска војна и ги спречи двете земји да склучат мировен договор.
-Поднесовме протестна нота преку дипломатски канали бидејќи оваа одлука не е во согласност со нашиот став за северните територии и е неприфатлива за нас, рече на прес-конференција секретарот на јапонскиот кабинет Јошимаса Хајаши.
Според него, Русија најавила дека од среда до 1 мај нема да дозволи странски воени и владини бродови да пловат во водите околу тие острови.
Правото на „невин премин“ низ територијалните води, загарантирано со Конвенцијата на Обединетите нации за поморското право, дозволува странски бродови да минуваат низ територијалните води на друга држава, освен ако не претставуваат безбедносна закана.
Јапонија верува дека островите Итуруп, Кунашир, Шикотан и групата острови Хабомаи биле „илегално окупирани од Советскиот Сојуз“ набргу по предавањето на Јапонците на 15 август 1945 година, додека Русија тврди дека тоа било легитимно.