
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, од собраниската говорница упати порака до високообразовните институции во земјава да планираат поодговорно и стратешки. Таа одговараше на пратеничко прашање од Халил Снопче во врска со можностите за студирање на мајчин јазик и недостигот од стручен кадар.
Јаневска нагласи дека автономијата што ја имаат универзитетите треба да се стави во функција на развојот на кадри што му се потребни на пазарот на труд. Според неа, високообразовните установи имаат капацитет самостојно да креираат и воведуваат студиски програми во согласност со реалните потреби.
„Универзитетите во Тетово и ‘Мајка Тереза’ постојат со децении и самите можат да одлучат кои студиски програми ќе ги воведат. Државата вложува средства, но очекуваме со новиот закон тие да се насочат кон насоки од кои државата и стопанството навистина имаат потреба“, истакна Јаневска, нагласувајќи дека новиот Закон за високо образование е клучот за решавање на овие долгогодишни проблеми.

