
Милена Јаневска од граѓанското движење „Кој е следен?“ во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ 24 изјави дека нивната иницијатива е насочена кон барање одговорност, зголемена транспарентност и подобрување на безбедносните механизми, со цел да се спречат трагедии како оние што ја потресоа Македонија во изминатите години.
„Нашите барања се поделени во две групи – првата се однесува на одговорноста, која ја препуштаме на истрагата за да се утврди кривична вина, но моралната одговорност треба да ја понесат сите инволвирани. Втората група е поврзана со безбедноста и превенцијата – бараме транспарентност во сите процеси, дигитална платформа ‘Е-инспекторат’ каде што ќе бидат достапни сите инспекциски надзори, како и централен број каде што граѓаните ќе можат да пријават нерегуларности“, истакна Јаневска.
Таа додаде дека движењето не е поврзано со ниту една политичка партија, а нивната цел е да извршат јавен притисок за вистински промени. Според неа, разочарувачки е што пратениците во време на криза си заминале на одмор, додека граѓаните бараат одговори.
„Излегуваме затоа што не сакаме повеќе трагедии без одговорност. Досега немаме контакт со надлежните институции, ниту тие нè побарале, ниту ние нив, но нема да престанеме да бараме конкретни чекори“, заклучи таа.