Skip to main content
Македонија

Јаневска: Не верувам дека се заобиколени процедурите за постапување во случајот со мозочните ткива

05/02/2026  17:29

Министерката за образование и наука Весна Јаневска смета дека при испраќањето мозочни ткива од македонски пациенти на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк не биле заобиколени процедури и дека станува збор за стандардна научна соработка меѓу институции. Таа изјави дека го дели ставот на министерот за здравство Азир Алиу и посочи дека ваквата практика не е невообичаена кога станува збор за базични и истражувачки медицински анализи, особено кога домашните институции немаат технички можности за одредени испитувања. Според неа, „Колумбија“ е меѓу водечките светски универзитети, со исклучително строги протоколи за вакви проекти. Јаневска нагласи дека не гледа потреба Министерството за образование и наука дополнително да се вклучува во проверка на документацијата, откако Министерството за здравство веќе побарало анализа на случајот, но додаде дека МОН ќе постапи доколку добие официјално барање.

Во однос на етичките аспекти и согласноста од семејствата на пациентите, министерката рече дека не може да коментира конкретни случаи без увид во документацијата, но потсети дека етичките комисии на Медицинскиот факултет работат сериозно и по строго утврдени правила. Таа нагласи дека додека била член на Етичката комисија, не се случило промена на донесена одлука без дополнување со релевантни факти. Според Јаневска, проектот има глобално значење и се однесува на истражувања поврзани со депресија, самоубиства, шизофренија и други сериозни заболувања, од чии резултати корист може да има целото светско население. Таа додаде дека како мала земја, Македонија може да учествува во вакви истражувања исклучиво преку соработка со универзитети со големи истражувачки капацитети.

Министерот за здравство Азир Алиу, пак, изјави дека можноста за злоупотреби е минимална, бидејќи се работи за проект со САД, земја со јасно дефинирани правила за ракување со биолошки материјал, како и за престижен универзитет. Тој информираше дека побарал од работна група да ги анализира податоците за начинот на испраќање на ткивата, при што посочи дека дел од документацијата можеби не е достапна поради законските рокови за чување архиви.