Skip to main content
Македонија

Јаневска: Граѓанскиот сектор е клучен за креирање успешни образовни политики

26/11/2025  14:44

Нема успешни национални политики, без вклучување на граѓанскиот сектор во нивното креирање. За актуелната Влада тоа е несомнено и затоа е основен принцип на работа, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на панел дискусија посветена на образованието во рамки на Националниот форум за соработка помеѓу владиниот и невладиниот сектор, што се организира втора година по ред од страна на Владата и Цивика мобилитас.

„Придонесот на граѓански организации е исклучително важен во досегашното унапредување на законската регулатива, во дефинирањето на системски мерки, проекти и активности, во подигнувањето на свеста за одредени теми и прашања како мултикултирализмот, толеранцијата, почитување на различностите и така натаму. Релацијата ќе ја развиваме, бидејќи граѓанскиот сектор прв воочува предизвици и аномалии, затоа и секогаш има најмногу и најиздржани предлози кои можат да се интегрираат во политиките на министерството“, рече Јаневска.

За време на средбата со претставници на граѓанските организации, Јаневска одговори на повеќе прашања поврзани со тековни состојби во образованието. Прашана кога ќе биде изготвен новиот Закон за високо образование, рече дека очекува тоа да се случи до крајот на годината.

„Претходната Влада донесе законско решение, многу полошо од она што постоеше дотогаш. Скратија многу студентски права, олеснија проодност на наставен и научен кадар, но со тоа го опаднаа квалитетот на високото образование. Ние сега користиме вистински инклузивен пристап – формиравме национално координативно тело за реформи и преку тоа се изработува новиот закон за високо, но и за научно истражувачка дејност. Професорите и студентите ќе кажат што е добро, а што не е. Потоа ќе следи јавна дискусија преку ЕНЕР и во Собрание, за да бидеме сигурни дека има консензус меѓу сите страни“, рече министерката.

Информираше дека и Стратегијата за образование 2026-2032 е во финална фаза на изработка. Во процесот се вклучени повеќе институции и домашни и меѓународни организации, а најдобрата верзија која ќе ја надополни претходната стратегија, ќе се насочи кон нерешените предизвици, но и кон следење на новите глобални трендови и стандарди.

Оценувајќи го степенот на инклузивност на националниот образовен систем, рече дека во овој сегмент има значителен напредок во изминатите 18 месеци во кои се ангажираа  рекорден број на образовни асистенти во основното, но и за прв пат во средното образование, а основани се и државни средни училишта со ресурсни центри кои им помагаат на сите останати каде се запишани ученици со посебни образовни потреби.