
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук остро реагираше на барање што, како што вели, го добил од министерот за економија, Бесар Дурмиши.
„На 8 август ми стигна писмо од министерот за економија. Го прочитав и гледам по ѕидовите да не е случајно скриена камера. Министерот за економија Бесар Дурмиши бара од мене да му кажам дали дискотеката Пјур ‘ги исполнувала минималните технички услови за вршење на дејност’“, напиша Јакимовски.
Тој му порача на министерот дека токму Министерството за економија, преку пазарната инспекција како орган во негов состав, е надлежно да ја утврди таа состојба.
„Министрееее! Белким ти мене треба да ми кажеш дали овој објект ги исполнува минималните технички услови за вршење на угостителска дејност. За таа работа ќе се обратиш на друг шалтер. Шалтер што се вика пазарна инспекција. Ако не си знаел, пазарната инспекција ти е орган во состав на министерството за економија (твоето министерство)“, напиша Јакимовски.
Градоначалникот изрази сомнеж дека, како што наведе, се работи за обид да се купи време „за другарите на Александар Николовски“.
„Залудни ти се обидите. Одговорноста е твоја“, додаде тој.