Skip to main content
Скопје

Јакимовски бара итно пуштање во употреба на базенот во „Партизан“

08/08/2025  16:27

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој денеска беше во обиколка на базенот кој се наоѓа во рамки на спортската сала „Партизан“ во Карпош 4, практично наиде на запоставен и нефункционален објект, кој досега требаше да го стави во употреба министерството за спорт.

  • „За жал, веќе неколку месеци нема вработени лица ниту пак работници, кои ќе го оспособат овој базен, а како што видовте и вратата не е затворена, за што треба дополнително да се грижат чуварите од Општина Карпош. Јавно сакам да го прашам министерот за спорт, Борко Ристовски, како можеше да го пушта во употреба базенот во Кисела Вода, тие деца таму можат да се капат во базен, а овие деца од Карпош, не можат да ги уживаат убавините на овој базен кој што го започнал некој друг директор и некоја друга Влада на Република Македонија. Сакам да потенцирам дека овој базен е симбол на инаетот на Борко Ристовски, но не против мене, против Општината и советниците, туку против учениците и децата во општина Карпош“ – констатираше Јакимовски.

            Првиот човек на Општина Карпош јавно го запраша актуелниот министер за спорт, Борко Ристовски, колку финансиски средства за оваа спортска сала досега одвоило министерството со кое тој раководи?

  • „Сакам уште да прашам, зошто не го пуштате во употреба базенот туку доаѓате да не опструирате и да ни ја земете салата „Партизан“, притоа го пуштате пуштате тој во Кисела Вода? Зошто ми го праќате инвеститорот да извршиме приклучок на електрична енергија на парно греење и водоснабдување, па уште цефката што била фи-80 била мала па бараат и поголема, значи сето ова да го платиме од буџетот на општина Карпош.  Зошто мислите г-не министре дека сите ние заслужуваме ваков однос и дека можете да си поигрувате вака со карпошани? Имам уште едно прашање до вас, дали базенот во Кисела вода, го нудевте на Пливачка Федерација на Македонија или тоа беше случај само со базенот во општина Карпош? Веднаш ќе ви одговорам дека Пливачката Федерација ве одби, затоа што овој базен ќе прави трошоци, а тие трошоци може да ги покрие само општина Карпош, која ќе го стави овој спортски објект во служба на децата односно на учениците од Карпош“ – резимираше Јакимовски.

            Тој истакна дека овој базен не е направен за некој да заработува пари од него, туку за пливачка едукација каде ќе го користат децата од најмала возраст и сите оние кои ќе сакаат да се занимаваат со пливање или со ватерполо, од каде потоа треба да ги продолжат тие активности во базенот во СЦ. „Борис Трајковски“.

  • „Ова е само еден дел од индивидуалната, би рекол неодговорната политика на министерот за спорт, Борко Ристовски, кој што на ваков начин покажува дека има потполно инаетлив и неодговорен однос кон граѓаните и кон децата од општина Карпош. Не се ништо помалку вредни децата од Карпош во однос на децата од Кисела Вода. Што беше проблем и овој базен да се пушти во употреба и ова топло лето децата од сите населби да го користат овој базен. И да ги вклучиме сите оние професори по физичко воспитување да помогнат децата од најмали години да научат да пливаат“ – беше дециден Јакимовски.

На крајот, градоначалникот Јакимовски јавно му се обрати на министерот Ристовски дека тој не може повеќе да си поигрува со Општина Карпош, бидејќи тој е должен да практикува еднаков однос кон сите граѓани на Република Македонија и еднаков однос кон сите општини, без разлика дали тие му се допаѓаат или не.

  • „Вие сте должни, да го имате истиот однос кон салата „Наум Наумовски Борче“ како и кон овој базен, исто како што  се грижите за другите спортски објекти во Македонија. Би сакал да ви посочам, одврзете си го „ќесето“ и подмирете ги финансиските трошоци за овој базен бидејќи вие имате обврска да го завршите. Ако не сте способни да го сторите тоа, слободно можете да ни се обратите.  Тука сум јас со Советот на Карпош и општинската администрација да се погрижиме за се што треба. Ќе ги покриеме сите трошоци, со цел да се стави во функција базенот за најмалите карпошани. Оваа општина и досега се развивала без ваша поддршка и отсега ќе го  прави истото, а вашиот инает нека ви служи на чест“ – му порача Јакимовски, на министерот Ристовски.