
На својата последна прес-конференција како градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски им се обрати на жителите со детална финансиска и проектна анализа за неговиот четиригодишен мандат.
Тој потсети дека на 4 ноември 2021 година, кога ја презел функцијата, општината ја затекнал со блокирана сметка од 330 милиони денари и дополнителна блокада од 39 милиони денари од УЈП, или вкупно 369 милиони денари долг, што е речиси еднакво на тогашниот вкупен буџет од 363 милиони денари.
„По четири години и три дена, оставам општина со 72 милиони денари на жиро сметка, со измирени сите тековни обврски, и судски пресуди кои редовно се сервисираат“, изјави Јакимовски.
Според неговите податоци, приходите на Општина Карпош во 2025 година достигнале 700 милиони денари, а до крајот на годината се очекува да достигнат речиси 800 милиони денари, што претставува повеќе од двојно зголемување во однос на 2021 година.
„Ја презедов општината со 6 милиони евра приход и 6,5 милиони евра долг, а денес ја оставам со 13 милиони евра приход. Ова е доказ дека Општина Карпош стана самоодржлив проект“, нагласи тој.
Јакимовски истакна дека во услови на минимална градежна активност – само една висококатница, два објекта во Момин Поток и три помали згради – приходите сепак значително се зголемиле благодарение на ефикасното менаџирање со даночните приходи.
Во однос на инфраструктурата, тој потсети дека при преземањето на функцијата не наследил ниту еден сериозен проект, додека денес општината располага со:
- 4 проекти во тек,
- 12 проекти со склучени договори и воведени фирми во работа,
- 4 проекти во тендерска постапка,
- 6 проекти одобрени од Владата на РСМ,
со вкупна вредност од над 9,5 милиони евра.
Покрај тоа, во тек е изработка на уште 10 нови инфраструктурни проекти, меѓу кои и катна гаража во Карпош 1.
„Со гордост можам да кажам дека Општина Карпош денес стои на стабилни финансиски нозе и има јасна насока за развој“, порача Јакимовски на крајот од своето последно обраќање како градоначалник.

