
Извршителите на тестаментот на осудениот финансиер Џефри Епстин се согласија од неговиот имот да се исплатат до 35 милиони долари за решавање на колективната тужба во која негови двајца блиски соработници се обвинети за помагање во трговијата со млади жени и малолетнички.
Спогодбата ја објави адвокатската фирма „Боис Шилер Флекснер“ (Boies Schiller Flexner), која ги застапува жртвите на Епстин, во документ поднесен до сојузниот суд во Менхетен. Доколку судот го одобри договорот, со тоа ќе заврши тужбата поднесена во 2024 година против долгогодишниот личен адвокат на Епстин, Дарен Индике (и сметководителот Ричард Кан, кои воедно се и извршители на неговиот тестамент.
Претходно веќе беше воспостави фонд за отштета од кој на жртвите од тестаментот им беа исплатени вкупно 121 милион долари, со дополнителни 49 милиони долари преку поединечни спогодби.
Адвокатот на Индике и Кан, Даниел Х. Вајнер нагласи дека неговите клиенти не признале никаква вина во рамките на постигнатиот договор.
„Бидејќи не направија ништо погрешно, извршителите беа подготвени да се бранат на судење, но се согласија на медијација и спогодба за конечно да се решат сите потенцијални барања против имотот на Епстин“, наведе Вајнер во писмена изјава.
Тој додаде дека договорот ќе овозможи „доверлив начин за финансиска компензација“ на жртвите кои претходно не ги решиле своите барања.

