Skip to main content
Музика

Извонреден танц и костимографија: Кабере шоуто Нина ги воодушеви Скопјани викендов

17/02/2025  17:00

Танцовото кабаре шоу „Нина“ кое во саботата, 15-ти февруари, гостуваше во Скопје во Националната опера и балет по повод Денот на вљубените, беше вистинско освежување за Македонците кои со громогласен аплауз го поздравија на сцената.

Танцовиот перформанс „Нина“ e на продукцијата „PRJCT360“ од Бугарија, а игра меѓународна екипа, во нашата земја беше прикажан во организација на продукцијата „Прагма“.

Шоуто прикажува една тажна љубовна приказна испреплетена со многу подеми и падови, како и предизвиците кои ги носи животот, желбата за љубов и докажување во кариерата, односно се поставува прашањето до каде една жена може да оди за да го постигне сето тоа. Нина растргната помеѓу љубовта и желбата да стане ѕвезда, поминува низ низа препреки кои преку танцови движења совршено им се претставија на публиката.

На сцената се најдоа дваесетина танчери и танчерки кои час и половина не носеа низ оваа приказна, а на сцената променија повеќе од десет уникатни сценски стилски парчиња облека. Преку сценографијата, музиката, танцот и костимографијата не приближија до едно вистинско кабаре шоу од стилот на “Големиот Гетсби”, додека публиката на крајот сето тоа го награди со повеќеминутен громогласен аплауз.

Изминатото лето, кабарето имаше турнеја низ Франција, во Париз, Ница, Лион, Тулуз, Бордо и други градови.

Наталија Јосифоска

Фото: Прагма продукција