Skip to main content
Свет

Израел усвои закон за смртна казна за Палестинци осудени за убиства на Израелци

30/03/2026  22:04

Израелскиот Парламент денеска усвои закон со кој се воведува смртна казна за Палестинци кои ќе бидат осудени за убиство на Израелци, што претставува значајна победа за екстремната десница во земјата која силно се залагаше за ваква мерка.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху лично присуствуваше во Парламентот и гласаше за усвојување на законот.

Според неговите одредби, за Палестинци од Западниот Брег кои ќе бидат осудени за убиства на национална основа е предвидена смртна казна со бесење.

Доколку осуденото лице е државјанин на Израел, судот ќе одлучува дали ќе изрече смртна казна или доживотен затвор.

Законот нема да важи ретроактивно, туку ќе се применува само за идни случаи.

Овој пропис беше остро критикуван од палестински и израелски организации за човекови права, кои го оценуваат како расистички и драконски, наведувајќи дека нема да делува одвраќачки врз напаѓачите.

Се очекува законот да биде оспорен пред Врховниот суд на Израел.