Skip to main content
Свет

Израел најавува изградба на 22 еврејски населби во окупираниот Западен Брег

29/05/2025  21:16

„Донесовме историска одлука за развој на населби: 22 нови населби во областа Јудеја и Самарија“, изјави Смотрич, користејќи го израелското име за Западниот Брег, кој е палестинска територија под израелска окупација од 1967 година.

Според објавената мапа од партијата Ликуд, десничарската партија на премиерот Бенјамин Нетанјаху, новите населби ќе бидат расфрлани низ Западниот Брег од север кон југ, преку централниот дел на регионот.

Обединетите нации редовно ја осудуваат израелската активност за населување како нелегална според меѓународното право. Овие населби се сметаат за една од главните пречки за трајно мирно решение помеѓу Израел и Палестинците, бидејќи го отежнуваат создавањето на одржлива палестинска држава.

Објавата на Смотрич доаѓа во време кога специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, изрази оптимизам за можно прекинување на огнот во појасот Газа, каде што веќе 600 дена трае конфликт меѓу Израел и Хамас.

Во јуни се очекува и конференција на Обединетите нации, копретседавана од Франција и Саудиска Арабија, чија цел е промовирање на мировно решение за „две држави“ – Израел и независна, суверена Палестина, каде двата народа ќе живеат мирно еден покрај друг.