
Седумдесет и седумгодишен жител на скопско село пријавил во СВР Скопје дека бил измамен од непознато машко лице кое телефонски го убедило дека неговата ќерка предизвикала тешка сообраќајна несреќа. Како што информираше МВР, инцидентот бил пријавен на 7 април 2025 година во 14:45 часот.
Според изјавата на оштетениот, измамникот му рекол дека неговата ќерка прегазила неколку лица и доколку не сака таа да оди во затвор, треба да плати 1.300 евра. Исплашен и вознемирен, 77-годишниот маж ги оставил парите на однапред договорено место.
По кратко време, кога се слушнал со својот зет и дознал дека ништо од кажаното не е вистина, сфатил дека бил измамен.
Полицијата работи на расчистување на случајот и идентификација на сторителот. МВР уште еднаш апелира до граѓаните, особено до повозрасните, да бидат внимателни и да не наседнуваат на телефонски измами.