
По повод 11 Октомври, утре со почеток во 11 часот на градскиот плоштад во Куманово ќе се одржи изложба на класични автомобили „олдтајмери“, информираа денеска од клубот „Олдтајмер Витези“. И годинава, покрај македонски ќе има изложувачи и од Балканот.
– Моментално се 100 пријавени. Имаме пријавени учесници од цела Македонија, но и од Србија, Хрватска и од Босна и Херцеговина. Ова е шеста изложба на нашиот клуб, а претходно организиравме и изложба во Крива Паланка за Велигден, која исто така станува традиционален собир, изјави претседателот на клубот, Стефан Трендафиловиќ.
Тој ги повика сите љубители на класични автомобили утре да го посетат плоштадот и да уживаат во уникатната колекција возила што ќе бидат изложени.
Марко Кузмановски, кој е член во клубот, вели дека целта е овој настан од година во година да расте по бројност и значење.
– Интересот би требало да биде голем со оглед дека времето ќе нè послужи. Граѓаните секогаш покажуваат љубов кон старите автомобили, а ентузијастите што ги поседуваат вложуваат многу труд и страст во нивното одржување. Со околу 100 пријавени возила, ова може да биде еден од најголемите собири на олдтајмери во Македонија досега, изјави Кузмановски.
Изложбата се организира по трет пат по повод празникот 11 Октомври.