
Пожарот кој избувна во непосредна близина на валандовско Грчиште и се закануваше да ги зафати првите куќи во селото, е ставен под контрола, но пламените јазици досега проголтаа неколку штали, а пожарот заради силниот ветар се шири кон Богданци.

Според информацијата од градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, нема повредени и изгорени куќи, но во гаснењето се ангажирани голем број пожарникари и технички средства.
– Во гаснењето покрај ТППЕ Валандово, екипи испратија и против пожарните друштва од Струмица, Дојран, Гевгелија, Радовиш и Кавадарци, а во гаснењето учествува и еден хеликоптер на МВР. Состојбата е сериозна и ги преземаме сите мерки да го ставиме под контрола големиот пожар и да не дозволиме негово ширење – изјави за МИА Костадинов.
Инаку, според видеа објавени од пожарникарите и локалните медиуми може да се види дека станува збор за голема огнена стихија, која во неколку наврати се закануваше да ги зафати првите куќи во Грчиште, а забележливо е и прусуство на амбулантно возило.
Гаснењето на пожарот ќе продолжи и во ноќните часови.