
Изградбата на Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза” и подземниот паркинг на Плоштад Скендербег стануваат реалност. За овие крупни проекти се обезбедени 65 милиони евра од државниот буџет, соопшти првиот вицепремиер Изет Меџити. Според него, реализацијата на овие проекти ќе започне многу скоро.
„Сè е подготвено за нивниот почеток. Овие инвестиции ќе донесат долгорочни придобивки за студентите, граѓаните и економскиот развој на Скопје.
Во таа насока, денес остварив значаен состанок со министерот за транспорт, Александар Николовски, директорот на Инспекторатот за градежништво и претставници на Општина Чаир, каде што се договоривме за конкретните чекори што ќе го обезбедат итното започнување на овие проекти.
Овие инвестиции поставуваат нови темели за урбаното и образовното модернизирање на нашиот град, означувајќи клучен момент за стратешкиот развој на Скопје. Со оваа посветеност, отвораме нова фаза, каде визијата за функционален, иновативен и развоен град се претвора во реалност.
Благодарение на меѓуинституционалната координација и заедничката посветеност, многу брзо ќе започне теренската реализација на овие проекти од национално и стратешко значење.
Ние ги исполнуваме ветувањата и ја претвораме визијата во реалност!”, напиша Меџити.