Skip to main content
Македонија

„Ивона беше ведро дете, секогаш насмеана, зрачеше со позитивна енергија“, млади планинари загинаа во пожарот во Кочани

20/03/2025  11:09

Федерацијата на планински спортови на Македонија (ФПСМ) изрази најдлабоко сочувство до семејствата на сите жртви од катастрофалниот пожар во дискотека во Кочани.

Од Федерацијата известија дека во големата трагедија животот го загубија и младите планинари Ѓорѓи Величков и Ивона Антова.

Се огласија и од „Осогово“- Планинарски спортски клуб Кочани од каде што велат дека изгубиле еден од нивните најмлади и најактивни членови.

Ивона беше ведро дете, секогаш насмеана, зрачеше со позитивна енергија. Пасијата кон планината и беше фамилијарен код и беше дел од многу наши планинарски акции.

Таа ги искачи сите наши највисоки врвови во Македонија, како и неколку највисоки врвови на Балканот. Ќе ја паметиме како дел од нашето планинарско семејство, како дете кое секој ќе посакаше до го има и не постојат зборови кои можат да ја опишат нашата тага и жал за оваа огромна загуба.

Искрено сочувство до семејството, до Тошо и Стојка, нашите колеги планинари и другари, да се крепат во овие тешки мигови за нив. Ние како клуб и нивни другари им порачуваме дека не се сами во оваа болка и дека споделената тага значи и помала тага. Ивона, ангелите горе добија уште еден ангел со нив“.