
Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, во Ноќно студио на 4тв.мк остро го критикуваше функционирањето на институциите, посочувајќи дека сериозни пропусти во системот довеле до игнорирање на утврдени неправилности.
Таа истакна дека преку анализи и истражувања биле утврдени конкретни случаи на угостителски објекти во Скопје кои, и покрај инспекциските записници дека треба да бидат затворени, продолжиле да работат.
„Имавме анализи за скопски кафетерии каде што беше утврдено дека треба да бидат затворени, но тие сепак работеа. Јасно е дека тука делувале одредени центри на моќ кои им овозможиле на тие локали да функционираат“, изјави Ивановска.
Таа нагласи дека овие наоди биле јавно презентирани и доставени како препораки до надлежните институции, но без конкретен исход.
„Го кажувавме тоа на јавни седници и ги испративме препораките до институциите, но никому ништо. Тоа покажува дека нема почитување и не се вреднува вложениот труд“, додаде таа.
Според Ивановска, ваквиот однос е сериозен сигнал за нефункционалноста на системот, кој реагира дури по настанување на трагедии.
„Зарем треба да изгори некој за да имаме вонредни контроли? Па зошто имаме вонредни контроли? Затоа што немаме редовни. Ако системот функционира како што треба, нема потреба од вонредни мерки – редовното работење треба да биде правило“, потенцираше таа.
Ивановска заклучи дека е неопходно воспоставување на ефикасен и доследен контролен систем, со цел да се спречат идни пропусти и да се врати довербата на граѓаните во институциите.


