
Италијанските центри за обработка на мигранти во Албанија се скапи, неефикасни и правно сомнителни, покажа извештај објавен денеска, пренесе ДПА.

Владата на италијанската премиерка Џорџа Мелони од 2023 година изгради голем број центри за депортација во странство. Истражувачкиот извештај на организацијата за човекови права Екшн Еид (ActionAid) и Универзитетот во Бари се фокусира на мигрантскиот центар во Ѓадер, северна Албанија.
Според наодите, префектурата во Рим платила 570.000 евра на раководството на кампот за пет дена работа меѓу октомври и декември 2024 година, што е околу 114.000 евра дневно.
За тоа време, на локацијата биле притворени 20 лица и сите биле ослободени во рок од неколку часа. Мелони потпиша договор со албанскиот премиер Еди Рама во 2023 година за два кампа во Ѓадер и Шенѓин.
Според шемата, мигрантите пресретнати во Средоземното Море требало да бидат распоредени меѓу двете земји, но голем број судови првично го запреа проектот.
Извештајот, исто така, го доведува во прашање механизмот за депортација. Враќањата се на најниско ниво во последните години, додека во исто време стотици места остануваат неискористени во италијанските прифатни центри, се вели во него.
Во овој контекст, користењето на центарот во Ѓадер е „целосно ирационално и нелогично“, изјави Фабрицио Корези од ActionAid.
Според пресметките, самата изградба на камповите во Ѓадер и Шенѓин, во кои можат да се сместат вкупно 400 лица, чинела повеќе од 74 милиони евра или околу 153.000 евра по место.
Дополнителни трошоци настанале за сместување и исхрана на полицискиот персонал, при што 528.000 евра биле потрошени за пет дена работа, се вели во извештајот.