Skip to main content
Свет

Италијански дипломат загина во Египет додека славел роденден – го нападна ајкула

30/12/2024  21:35

Еден турист загина, а друг е тешко повреден вчера во напад на ајкула во одморалиштето Марса Алам во Египет, се наведува во соопштението на Министерството за животна средина на таа земја. Идентитетот на туристот тогаш не беше наведен.

Сепак, италијанското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека биле нападнати италијански државјани, пренесе Dailymail.

Министерството соопшти дека нападот се случил во длабока вода надвор од зоната за пливање во близина на бреговите северно од одморалиштето Марса Алам, додавајќи дека пливањето подалеку е забрането.

Според италијанските медиуми, ајкулата го убила дипломатот Џанлука ди Џоја (48). Работел во Европската служба за надворешни работи. Тој во одморалиштето го прославувал роденденот и во моментот на нападот пливал со пријателот Џузепе Фапани (69).

Сведоци на ужасниот напад биле нивните сопруги.

Сопругата на Фапани им раскажала на локалните медиуми како нејзиниот сопруг пливал кон Ди Џоја за да се обиде да ја отфрли ајкулата, но таа ги нападнала и двајцата. Ајкулите живеат во Црвеното Море, но средбите со нив се доста ретки.

Марса Алам е египетски крајбрежен град познат по своите корални гребени, морскиот свет и плажите. Последниот таков инцидент се случи во јуни 2023 година, кога ајкула уби руски државјанин во Хургада, друг крајбрежен град на Црвеното море.