
Италијанската парламентарна комисија одобри амандман на буџетот за следната година во кој се наведува дека златните резерви во трезорите на Централната банка му припаѓаат на народот, соопштија пратениците.
– Златните резерви, со кои управува и ги чува Централната банка му припаѓаат на италијанскиот народ, се наведува во текстот одобрен од Горниот дом на буџетската комисија на Парламентот.
Во текстот се посочува дека амандманот не е правно супериорен во однос на правилата на Европската Унија, кои ја штитат независноста на централните банки.
Европската централна банка (ЕЦБ) до објавување на текстот на амандманот двапати реагираше предупредувајќи оти со тоа може да поткопа независноста на италијанската Централна банка.
Министерот за економија Џанкарло Џорџети претходно изјави дека е надминат проблемот со претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард на минатонеделниот состанокот на министрите за финансии на еврозоната во Брисел.
Италија е трета земја во светот, по САД и Германија по златните резерви, кои изнесуваат 2.452 тони злато, вредно 300 милијарди долари, што е еквивалент на 13 отсто од Бруто домашниот производ (БДП),
Џорџети минатата недела изјави дека извршната власт не планира да го користи златото од Централната банка за финансирање на јавната потрошувачка оти со тоа би се прекршиле прописите на ЕУ.
Амандманот мора да биде усвоен од двата дома на италијанскиот Парламент до крајот на годината.


