
Италијанската подружница на „Амазон“ платила околу 180 милиони евра на даночните власти и го стопирала системот за следење на испораките со цел да ја прекине истрагата за можни даночни измами и експлоатација на работници, соопштуваат извори.
Истрагата започна во јули 2024 година, кога финансиската полиција заплени 121 милион евра од „Амазон Италија“ по сомнежи дека компанијата преку нелегални подизведувачи ги намалува трошоците за работна сила и избегнува даноци. Слични истраги се водат и против DHL, GLS, Uber, Lidl, UPS, Carrefour и други компании.
Во последните две години околу 30 компании постигнале спогодби со државата, при што вкупните исплати надминуваат 1 милијарда евра. „Амазон“ соопшти дека ја објаснил својата позиција и дека органите ги признале „високите стандарди“ во соработката со партнерите за испорака.

