Skip to main content
Магазин

Истражување: И жените, исто колку и мажите, сакаат помлади партнери

02/03/2025  23:48

Новo истражување спроведено во САД открива дека и жените и мажите во иста мера се наклонети кон помлади партнери, дури и ако тоа не го забележуваат свесно.

Во студијата биле вклучени 4.500 луѓе на возраст од 22 до 85 години, кои учествувале во „состаноци на слепо“ во потрага по долгорочен партнер. По средбите, најголем дел од учесниците – без разлика на полот – покажале поголем интерес за помлади потенцијални партнери, иако во анкетите претходно изјавиле дека имаат горна старосна граница при изборот.

Професорот по психологија Пол Иствик од Универзитетот во Калифорнија вели дека овој тренд е подеднакво изразен кај жените и кај мажите, што е изненадувачки ако се земе предвид дека во традиционалните хетеросексуални врски обично мажите се постари од жените.

„Жените често тврдат дека претпочитаат постари партнери, но нивното однесување на овие состаноци покажува нешто сосема друго“, вели Иствик.

Истражувањето, објавено во научното списание PNAS, исто така анализирало дали жените со повисоки приходи имаат поголема веројатност да изберат помлад партнер. Иако некои од учесничките биле финансиски многу стабилни, нема значителни докази дека богатството влијае на нивниот избор.

Наодите сугерираат дека привлечноста кон младоста е присутна во раните фази на запознавање, дури и ако луѓето не се целосно свесни за тоа.