Skip to main content
Магазин

Истражување: Газирани сокови го зголемуваат ризикот од предвремена смрт и Паркинсонова болест

21/07/2025  10:09


Ново истражување објавено во угледното медицинско списание „ЏАМА“ предупредува дека безалкохолните газирани сокови, без разлика дали содржат шеќер или вештачки засладувачи, можат да го зголемат ризикот од предвремена смрт, па дури и да бидат поврзани со појава на Паркинсонова болест.

Истражувањето опфатило над 450.000 возрасни лица од 10 европски земји – Данска, Франција, Германија, Грција, Италија, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство – во период од 19 години. Според заклучоците, луѓето кои пијат две или повеќе чаши (по 250 мл) газирани сокови дневно имаат поголем ризик од предвремена смрт во споредба со оние што консумираат најмногу една чаша месечно.

„Нашите резултати уште еднаш потврдуваат дека газираните напитоци треба да се избегнуваат и заменат со други, поздрави пијалаци, а најдобро – со вода,“ истакнува Нил Марфи од Меѓународната агенција за истражување на ракот, еден од авторите на студијата.

Истражувањето дополнително укажува дека секојдневната консумација на сокови со шеќер е поврзана со поголем ризик од смрт предизвикана од проблеми со варењето, додека пак диеталните газирани пијалаци со вештачки засладувачи се поврзани со зголемен ризик од срцеви заболувања. Исто така, редовното пиење на обични или диетални газирани пијалаци може да ја зголеми веројатноста за развој на Паркинсонова болест и други невролошки нарушувања, иако научниците додаваат дека оваа врска бара дополнителни истражувања.