Skip to main content
Македонија

Истекува рокот за проверка и потврда на ГДП пријавите за остварените приходи за 2024, потсетува УЈП

30/05/2025  16:17

Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници дека крајниот рок за проверка и потврда на годишната даночна пријава за 2024 година истекува утре 31 мај 2025 година.

Со оглед на тоа што редовниот рок за потврдување или корекција на ГДП пријавата е во неработен ден, краен рок за потврда или корекција на остварените приходи за минатата година ќе се смета 2 јуни 2025 година.

Ова значи, како што појаснуваат од УЈП, дека граѓаните кои оствариле приходи во 2024 година треба најдоцна до 2 јуни 2025 година – понеделник да извршат увид во своите даночни пријави преку системот „е-Даночни услуги“ и да ги потврдат или коригираат доколку има потреба.

„По овој рок сите пријави кои се непотврдени ќе се сметаат за конечни, додека коригираните ќе бидат предмет на одобрување од службено лице на Управата за јавни приходи. Кај даночните обврзници каде постои обврска за доплата на данок, ќе биде издаден налог за доплата, додека оние со повеќе платен данок можат да побараат враќање на средствата. Управата за јавни приходи во законскиот рок заврши со генерирање на Годишните даночни пријави (ДЛД-ГДП) за 2024 година. Изгенерирани се вкупно 841.671 даночна пријава за 2024 година, што претставува раст од 6%, односно 47.947 повеќе даночни пријави споредено со 2023 година, кога беа генерирани 793.724 пријави“, соопшти УЈП.