
ТВ 21 објави документ – лиценца за вршење угостителска дејност со времетраење од една година, која истекла во март 2024 година. Засега нема официјални информации дали дискотеката поседувала друга важечка дозвола.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, не откри детали за текот на истрагата, освен дека е распишана потерница за четири лица поврзани со трагедијата.
Распишаната централна потерница е во врска со пожарот што избувна синоќа во дискотеката, при што, според последните информации на надлежните (до 11:30 часот), загинале 59 лица. Од нив 35 се идентификувани – 31 од Кочани и четири од Штип.
Според Тошковски, до 12 часот во пожарот се повредени 155 лица, кои се хоспитализирани во болниците низ државата.
„Од страна на МВР, во координација со јавното обвинителство, во овој момент се постапува и во Министерството за економија, од каде се обезбедува документација за предметната дискотека, како и лица поврзани со истата“, изјави Тошковски.
Дополнително, министерот информираше дека во пожарот загинал и полициски службеник, кој во моментот на несреќата вршел контрола за наркотици и недозволени психотропни супстанци во објектот.
Повеќе детали се очекуваат во текот на денот.
