
„Град што изненадува при секоја посета“, е епитетот што го доби Истанбул од читателите на Wanderlust Reader Travel Awards. Ова е годишна манифестација на награди организирана од Wanderlust, една од највлијателните и најреномирани туристички ревии од Велика Британија, чија цел е да ги препознае најпопуларните светски дестинации, градови, региони, острови, како и оператори, авиокомпании или брендови поврзани со патувања. На овој настан кој се одржа во Националната галерија во Лондон, Истанбул ја освои Златната награда за најпосакуван европски град, добивајќи гo мнозинството гласови од публиката која е клучна во изборот.
Ова е само континуитет на серијата признанија со кои се има „закитено“ Истанбул од познатите туристички платформи, како што се високите позиции на „Педесетте најдобри места за патување“, „Топ пет европски градови за градски одмор“, како и „Една од најдобрите дестинации за семеен градски одмор“.

Последната награда дополнително ја засилува репутацијата на оваа раскрсница меѓу Европа и Азија како еден од најпривлечните светски градови за истражување, каде посетителите можат да ја доживеат комбинацијата од историја и динамичен современ живот. Добро познатите знаменитости како што се Аја Софија, Галатската кула, Сината џамија, Цистерната на Базиликата, како и Девојкината кула, заедно со Големиот пазар и Пазарот со зачини кои се сметаат за историски, се своевиден контраст на луксузните бутици и дизајнерските продавници во модерните трговски центри. Разноликоста ја надополнуваат познатите маала Таксим, Бејоглу и Каракој на европската, и Кадикој, Мода и Баџдат на азиската страна, но и бројните музеи, галерии и културни настани.
Сепак, впечатокот од посетата на овој историски и културен центар не би бил целосен доколку не се доживее возењето со брод низ Босфорот, од каде од двете страни се гледаат јалите – историски крајбрежни палати со елегантна архитектура. За туристите кои ќе посакаат да избегаат од метежот на градот, пак, се препорачува да заминат на Принцевските острови, кои се наоѓаат во Мраморното море на азиската страна, каде што природата е восхитувачка, а користењето автомобили е забрането.
Храната е разновидна. Има бројни ресторани со МИШЕЛИН ѕвезди, но не треба да се изостави ни традиционалниот турски појадок составен од печива, сирења и намази, ќебапите, како и разновидната морска риба. За да се почувствува целосно истанбулскиот шарм, се советува да не се пропушти пиењето турско кафе, се разбира послужени со баклава или со локум.
