Skip to main content
Хроника

Исплатени илјадници евра за вработен кој не доаѓал на работа во АХВ

04/09/2025  10:53

СВР Куманово поднесе кривична пријава против петмина вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Според информациите, при контрола во Подрачната единица Куманово на 30 мај 2024 година било утврдено дека еден од пријавените, Р.Е. (51) од с. Слупчане, на работно место помлад референт-архивар, во период од речиси шест години, од декември 2018 до април 2024, воопшто не доаѓал на работа, а редовно примал плата и придонеси од буџетски средства.

Второпријавениот З.А. (59) од Скопје, вршител на должноста директор на АХВ до декември 2020, и неговиот наследник Н.Б. (61) од Битола, директор до јули 2024, свесно дозволиле исплатата да продолжи, иако Р.Е. не ги извршувал работните обврски.

Меѓу пријавените се и А.Б. (59) од Скопје, раководител на Одделение за финансиски прашања, кој без проверка потпишувал финансиски извештаи и одобрил исплата на плати и придонеси, како и С.К. (58) од Штип, раководител на друго одделение во Агенцијата, кој не презел мерки да ја спречи незаконитата состојба.

Со овие дејствија, на првопријавениот му биле исплатени 1.159.081 денар, додека државниот буџет е оштетен за вкупно 1.682.759 денари, соопштија од МВР.