Skip to main content
Свет

Исклучена струјата и водата во регионот Запорожје кој е окупиран од Русија

12/07/2025  21:28

Делови на јужна Украина окупирани од Русија останаа без струја и вода, соопштија денеска властите, пренесе ДПА.

-Поради високите температури на воздухот, настанаа критични преоптоварувања во системот за снабдување со електрична енергија во регионот Запорожје, изјави регионалниот гувернер назначен од Москва, Евгениј Балицки, според државната новинска агенција Тас.

Прекинот на струјата ги погоди двата најголеми града освоени од Русија во регионот, Мелитопол и Бердјанск.

Балицки додаде дека и снабдувањето со вода е прекинато поради проблемите во електричната мрежа. Тој не даде никакви детали за времетраењето на прекинот.

Температурите во регионот беа значително над 30 степени Целзиусови во текот на денот.

Инфраструктурата во областа, која се смета за застарена и е дополнително оштетена од војната, не е соодветна за потребите на населението.

Русија има делови од регионот Запорожје под своја контрола од март 2022 година, вклучувајќи ја и нуклеарната електрана Запорожје во градот Енерходар.

Со моќност од 6.000 мегавати, електраната Запорожје беше најмоќната нуклеарна централа во Европа до руската инвазија во февруари 2022 година.

Централата мораше да биде исклучена поради тековните борби и ризикот од нуклеарна катастрофа.