Skip to main content
Свет

Иранската полиција привела 21.000 лица за време на 12-дневната војна со Израел

13/08/2025  09:32

Иранската полиција привела 21.000 осомничени лица за време на 12-дневната војна меѓу Израел и Иран во јуни, објавија денеска иранските државни медиуми.

Иранската државна телевизија го цитираше портпаролот на полицијата, генерал Саид Монтазералмахди, кој изјави дека луѓето ги пријавиле осомничените кај властите, објавија американските медиуми.

-Апсењето на 21.000 осомничени лица за време на 12-дневната војна укажува на високата свест и учество на луѓето во осигурување на безбедноста, рече тој.

Монтазералмахди, меѓутоа, не прецизираше со какви обвиненија би можеле да се соочат осомничените. Сепак, тој рече дека повеќе од 260 лица се осомничени за шпионажа, а 172 лица се уапсени за нелегално снимање. Според него, полицијата поставила повеќе од 1.000 контролни пунктови низ целата земја за време на конфликтот, помеѓу 13 и 24 јуни. Ова е првпат иранската полиција да го објави вкупниот број на апсења за време на војната. Во последните неколку седмици, Иран спорадично известуваше за приведувања на лица под сомнение за шпионажа.

Од крајот на јуни, Иран изврши егзекуција над седум мажи осудени за шпионажа во корист на Израел, што предизвика страв кај активистите дека владата би можела да изврши бран егзекуции.

Израел на 13 јуни започна бран воздушни напади врз Иран, при што загинаа речиси 1.100 луѓе, вклучувајќи многу воени команданти. Од друга страна, во Израел 28 лица загинаа во одмаздничките ирански напади.